02/ 2654-654; 02/ 2655-655 toltumotors@greatwall.mk

Haval е брендот на GWM задолжен за SUV модели, a H6 е тековниот знаменосец на гамата. На прв поглед, изгледа навистина… Европски. Ги нема оние незграпни, малку чудни пропорции кои се типични за кинеските возила. Нема ниту „украден“ дизајн – да, ако погледнете поубаво ќе препознаете детал преземен од овој-или-оној производител, но H6 има свој, засебен лик. На предниот дел вниманието го задржуваат широките, хоризонтални светла и големите отвори за воздух. Нема непотребни детали и форми, нема вулгарни елементи – дури би рекле дека и некои европски производители тука би можеле да научат лекција или две.

Профилот е типичен за еден SUV – мазни и чисти површини, хромирани декоративни елементи и прилично голем „стакленик“. На задниот дел вниманието го задржуваат задните светла и големиот заден дифузер, во кој се поставени четири функционални издувни цевки. Ни се допаѓаат и големите, 19-инчни тркала кои одлично му прилегаат на овој SUV – не се ни преголеми, ни премали. Таман! Сè на сè, H6 изгледа достоинствено и привлечно – не е ниту вулгарен ниту здодевен. Баш напротив!

Ја отвораме широката возачка врата и нè пречекува навистина модерна кабина. Како што обично бидува со кинеските автомобили, добиваме навистина многу, многу опрема. Ајде да започнеме со кожните седишта (кои се електрично нагодливи и со загревање), па да продолжиме со управувачот (исто така со загревање, супер-практично деновиве додека траат овие поларни температури), супер-јасните дигитални инструменти поставени на одличен панел, како и централниот мултимедијален уред преку кој се контролираат многу од функционалностите.

Всушност, кога сме тука, ајде малку и за погонот. Нашиот тестен модел дојде опремен со 2-литарски GDIT турбо-бензинец кој испорачува 190 коњски сили при 5500 вртежи во минута и одлични 340 Nm вртежен момент од 2000 до 3200 вртежи во минута. Во комбинација со DCT менувачот и погонот на предните тркала, овој мотор овозможува забрзување до 100 километри на час за 9.9 секунди и максимална брзина од 190 километри на час.

Полека но сигурно – особено благодарение на модели каков што е H6 – сите ние ги надминуваме предрасудите за кинеските возила. Да не се лажеме – индустриските капацитети на Кина се импресивни, а многу други производители можат да им позавидат за темпото со кое ги подобруваат своите продукти.

Всушност, истите предрасуди ги имавме пред само 20-тина години за корејските автомобили – но корејците упорно работеа и работеа – и стигнаа онаму каде што се сега.. Сега го гледаме истиот подем, но овој пат доаѓа од Кина. А по она кое можеме да го видиме и искусиме – подемот ќе биде значително, значително побрз.

превземен дел од текстот објавен во carclub.mk

Прочитај го целиот текст тука:
https://www.carclub.mk/2021/02/16/test-haval-h6-2-0-gdit-supreme-od-kina-so-ljubov/