02/ 2654-654; 02/ 2655-655 toltumotors@greatwall.mk

Големиот СУВ од кинеската марка донесува големо освежување на автомобилската сцена. Дизајнот е првото што освојува кај специјализираната марка за теренци на Great Wall Motors. Изненадувањата кај Haval H6 зборуваат за брзиот напредок во оваа марка што долго ја познаваме и на македонскиот пазар.

За производителите на автомобили од Кина важи дека напаѓаат, освојуваат, преземаат. Така најчесто се спомнува во насловите. Секако дека кинеските производители не се расположени толку воинствено, тие само си го работат бизнисот добро.

За својата парадна СУВ-марка, увозникот Толту Моторс пишува дека концернот Great Wall Motors „во соработка со инженерите и дизајнерите од германскиот производител BMW ги разви моделите Haval.“ Производителот зборува со истиот тон: „Haval H6 е носечки модел на Haval, една од трите водечки светски марки што се специјализирани за СУВ.“ Според Great Wall Motors, „секоја генерација на H6 пишува историја и крунисана е како легенда на најголемиот автомобилски пазар во светот.“ Сите овие наводи треба да се ценат како веродостојни, затоа што од Haval H6 досега се продадени над 3 милиони примероци во повеќе од 60 држави во светот. Пет години во низа, H6 е меѓу десетте најпродавани СУВ модели во светот.

Сета еуфорија околу изгледот на Haval H6 доаѓа на место кога ќе се дознаат имињата на дизајнерите
Нема симбол, самиот автомобил е симбол. Малкумина се прашуваат, дали зад изгледот на СУВ-марката на Great Wall (патем ги има четири, Haval, Wey, Ora и GWM Pickup) можеби стои некое големо дизајнерско име од автомобилската сцена. Не е едно, туку се две. Изгледот на Haval H6 е дело на поранешниот дизајнер на BMW, Пјер Леклерк, чиешто дело се претходните генерации на X5 и X6

Името на марката што се проектира пред возачката врата е прикажано веројатно на најголема површина во браншата
Добар впечаток се насетува по отворањето на вратите. Ноќе на асфалтот под вратите се појавува името Haval, напишано секако со црвена боја и во димензија каква што не се среќава во друг автомобил.

Haval сака работите да ги направи различно и подобро: Зошто копчето старт-стоп мора секогаш да биде сокриено зад воланот, божем е толку неважно?
Точно така, колава се обожува. Копчето старт-стоп, на пример, долго време беше гордост на производителите, за денес да остане сокриено и одвај видливо кај повеќето модели. Кинезите не сакаат така. Копчето господски тронува во средишната конзола на Haval.

Во големиот СУВ се ужива во изобилството во секој поглед, ова е како полн пансион
Привлечноста кај Haval H6 е во изобилството. Во возење, тој се однесува како голем автомобил, такво чувство посредува дизајнот на кокпитот и тоа освојува. Се чувствува просторноста на кабината, волуменот. Радува тоа што напред работи бензинец, дволитарски со 190 КС, со варијабилна работа на двете брегасти вратила, пристојно снабден со турбонатполнење (BorgWarner) и директно впрскување. Вртежниот момент од максимални 340 њутнметри, преку 7-степен менувач со двојна спојка од специјалистот Getrag се пренесува на предната оска.

Програмите за возење се стандард. На кого му пречи меката реакција на погонот во еко-модусот, треба само да посегне по прекинувачот и да вклучи спортски модус
Динамичното возење не му е туѓо на Haval, напротив, изненадува и тоа што подвозјето покажува вешто дотерување. Секако дека врвни достигнувања во одредени „дисциплини“ на спортското возење не треба да се очекуваат, меѓутоа радува што кинескиот СУВ не потклекнува во ова мошне чувствително подрачје.

Основниот модел чини 22.400 евра, колку класичен компакт со половина од опремата во H6
Основната изведба на Haval H6 во понудата на Толту Моторс чини 22.400 евра, со таа разлика што освен во нивото на опременост во споредба со тестираниот модел, има 1,5-литарски мотор со 163 КС. Оваа погонска единица исто така користи турбонатполнење и директно впрскување, стандардно со 7-степен менувач со двојна спојка, но е за точно 2.000 евра подостапна од дволитарската верзија со 190 КС.

Со камерите при паркирање и маневрирање, големиот СУВ веќе е шампион
Највисокото ниво Supreme, како кај возилото на тест, достапно е и со 1,5-литарскиот мотор, по цена од 25.400 евра. Со дволитарецот со 190 КС, цената е 27.400 евра. Во двете илјади евра плус, колку што чини Supreme над средното ниво, се добива буквално супериорна опременост. На сите ставки од претходните нивоа, тука следуваат уште дигитални инструменти од 12,3 инчи, меморија за седишта и за ретровизори, помош при паркирање, систем од камери со приказ од горна перспектива во 360 степени, предупредување при преоѓање во соседна лента, предупредување за возило што наближува попречно при маневрирање наназад, грејачи во волан.

Haval H6 не е како некогаш прочуената раткапна-плескавица, којашто сепак беше само плескавица, многу голема
Противвредноста е основното што ги привлекува купувачите кај Haval. За најдобро да ја претставиме противвредноста, еден пример од ресторанско мени. Плескавица од килограм месо долго време важеше како нон-плус-ултра во гурманското уживање. Но, потоа еуфоријата стивна, откако гурманите се сетија дека тоа е сепак само плескавица, но многу голема плескавица. Значи, тука вооошто нема разлика во квалитетот, вкусот останува истиот, класичен. Haval H6 во тој поглед, во споредба со обична плескавица, повеќе е како целосен оброк, којшто дополнително вклучува предјадење во италијански манир (во смисла на дизајнот) и десерт каков што подготвуваат само најдобрите кулинари (во смисла на противвредноста).

превземен дел од текстот објавен во automedia.mk
автор: Дарко Јаконов
Прочитај го целиот текст тука:
https://automedia.mk/objavi/test-haval-h6-20-mk/